На 8 април 2011 во просториите на Ј.З.У. Геронтолошки Завод -13 Ноември во Скопје, се одржа работилница на тема ”Декубитус-социоекономски и тераписки аспекти”, под покровителство на Фарма Трејд - Скопје, претставници на Mölnlycke Health Care.
Почесен гостин на работилницата беше Деканот на Медицински Факултет од Скопје, Проф. Д-р Никола Јанкуловски.
Во првиот дел од работилницата беа одржани неколку тематски предавања. Предавањето на проф.д-р Дончо Донев од Институтот за социјална медицина насловено “Здравјето, здравствените потреби и здравствената заштита на лицата постари од 65 години во Република Македонија” беше вовед во темата и даде важни епидемиолошки податоци за здравствената состојба на старите лица во Републиката. Д-р Ленче Нелоска се осврна на социјалните и економски аспекти на декубиталните улкуси и презентираше податоци за преваленцата и клиничките карактеристики на декубиталните улкуси во Геронтолошкиот Завод. Проф. Д-р Љубица Павлова од Универзитетската Клиника за дерматологија ги прикажа патогенетските механизми и клиничката поделба. Конзервативните тераписки модалитети беа прикажани од гостинот од Република Хрватска Проф. Д-р Јанко Ханчевиќ, со акцент на неопходноста од превентивни програми и континуирана едукација на здравствениот персонал. Доц. Д-р Смиља Туџарова Ѓоргова зборуваше за хируршкиот третман, при што прикажа серија од случаи лекувани на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Прим. Д-р Небојша Пешиќ презентираше искуства од употребата на силиконски преврски во третман на длабока дермоабразија на лузни.
Г-дин Кристијан Погатс од Виена, Австрија, ги презентираше производите на шведската фирма Mölnlycke Health Care наменети за третман на декубитуси и секаков вид на хронични рани и улкуси.
Вториот дел на работилницата беше предвиден за практична работа со пациенти со декубитални улкуси. Кај селектирани пациенти со улкуси во различни стадиуми беше демонстрирана апликацијата на преврски составени од силиконски контактен слој којшто ја забрзува гранулацијата, полиуретанска пена за абсорбција и AgSo4 за заштита од бактериска пенетрација или третман на веќе постоечка инфекција. Истите аплицирани во комбинација со хипертонски гелови наменети за дебридман на некроза присутна кај голем дел од улкусите.
Темата привлече интерес на лекари од различни специјалности кои се среќаваат со овој проблем. Покрај дерматолози, хирурзи, анестезиолози, невролози, педијатри и интернисти, беа присутни лекари од институции кои згрижуваат геријатриски пациенти од Охрид и Битола
На маргините на средбата беше констататирано дека декубитот е неоправдано запоставен проблем. Доц. Д-р Смиља Туџарова Ѓоргова ја нагласи потребата од мултидисциплинарен приод и консензус за третман на овие болни во Република Македонија.
Д-р Ленче Нелоска
Ј.З.У Геронтолошки Завод-13 Ноември, Скопје |