Јавната здравствена установа Геронтолошки Завод "13 Ноември" се наоѓа во Скопје, ул.4 јули 129 во Општина Ѓорче Петров и една единица во Општина Битола, ул.Лавчански пат бб. Располага со четири објекти (Геријатрија, Мајка Тереза-Злокуќани и двата Хосписи во Скопје и Битола). Заводот е специјализирана установа (болница), која ја спроведува здравствената заштита од областа на Геријатриска и Палијативна медицина и е единствена од ваков карактер во Република Македонија. Ја прати состојбата, проучува, евалуира, известува и планира проекцијата на идните здравствени потреби и функционалните онеспособености на старите лица во институција и надвор од институцијата.
Функционира преку Специјализирана- консултативна здравствена заштита за областа геријатрија и палијативна медицина, организирана преку кабинети за интерна, невропсихијатриска, физијатриска заштита, кабинет за дијагностика и лекување и нега во домашни услови. Стационарната здравствена заштита се остварува преку одделението Геријатрија (интензивна нега и акутно болни и оддел за хронично болни), а палијативната грижа се врши во двата Хосписи (Скопје и Битола). Заводот интензивно работи на развој и унапредување на лекувањето во домот на болниот како и на развој на Дневна болница. Значаен дел претставува медицинско-геронтолошкото образование кое се состои од континуирано стручно усовршување, првенствено во дијагностика, специфичности во лечењето, рехабилитација и превенција на болести во староста, зачувување на функционалните способности на геријатрискиот пациент преку поттикнување на активен однос на стариот човек за чување на своето здравје. |