Историја

 

Со основање на првиот Дом за стари во Катланово во 1958 година, поставени се темелите на ЈЗУ Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември - Скопје.
По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1964 год. со помош на Интер-европската мисија на Шведската Влада, Волонтер-Кристијан од Лондон и Фондот за градење и обнова на Скопје, во Злокуќани е изграден нов Дом за стари.
На 06.06.1966 год. со одлука на градското Собрание донесено е Решение за основање Дом за стари лица во Скопје како социјална установа, а Роза Нолчева била назначена за управител. Домот бил изграден со интенција да бидат згрижени возрасните лица над 60 год. старост и основна дејност на Домот била да им обезбеди здраствена и социјална заштита. Во рамките на овој Дом за стари лица функционирале:

  • 1 павиљон од Интеревропска мисија од Лунд Шведска;
  • 6 куќички со 24 гарсоњери од Волонтерскиот христијански сервис од Лондон;
  • една зграда со помошни простории од Фонд за помагање на обнова на Скопје;
Старскиот дом "Димитар Влахов" Катланово се фузира со Старскиот дом "Злокуќани" Скопје. На 27.01.1972 година согласно Одлуката за припојување на Старските домови "Димитар Влахов" и "Злокуќани" продолжуваат да функционираат како една Установа под името во Центар за згрижување на стари и изнемоштени лица - Скопје. УО на фонд за Социјална заштита на град Скопје ги отстапил објектите од екс болницата "Маргарит Левинстон" на Центарот за згрижување на стари и изнемоштени лица.
Центарот за згрижување на стари и изнемоштени лица - Скопје се проширил во вршење на дејностите преку:
  1. Одделение за подвижни и здрави лица - во Злокуќани
  2. Одделение за здрави лица и пролазници - во Катланово
  3. Одделение за згрижување на стари неподвижни и полуподвижни лица - во Ѓорче Петров.

Истовремено и дотогашната дејност на Домот за стари лица - Скопје се проширирила со вршење на следните нови дејности:

  • згрижување на хронично болни, неподвижни и тешкоподвижни стари лица чие активно лекување е завршено а останале да се лекуваат последиците
  • згрижување на стари крајно истоштени лица на кои им е неопходна постојана нега и медицинска помош
  • обезбедување патронажна служба која укажувала нега, медицинска и друга помош во живеалиштата на стари, болни и изнемоштени лица.

Од 1974 год. седиштето на Центарот за згрижување на стари и изнемоштени лица е префрлено во Ѓорче Петров II , а за директор е назначена Костова Слободанка. Во 1978 год донесено е решение по кое името на Центарот е Центар за згрижување на стари и изнемоштени лица "13 Ноември" Скопје - Ѓ.Петров.
Десет години подоцна во 1988 година Центарот се трансформира и прерасна во Геронтолошки центар "13 Ноември" кој и понатаму ја задржа својата основна дејност здраствена и социјална заштита на стари и возрасни лица. За директор на Центарот била назначена Д-р Мирјана Аџиќ.

Во 1990 година, врз основа на член 186 од Закон за претпријатија, Окружниот стопански суд Скопје врз основа на Статутарна одлука Геронтолошкиот Центар се трансформира во Геронтолошки Завод "13 Ноември" - Скопје ЦО ул. 4 Јули бр. 129 Ѓорче Петров 2.
Од Фондација Сју Рајдер Кеар од Лондон во 1998 год. се гради нов објект Сју Рајдер - Хоспис лоциран во кругот на Заводот. Во 2005 год. издадена е дозвола за вршење на болничка здравствена заштита-палијативна нега во објектот Хоспис - Сју Рајдер Битола, за терминална нега.
Денес во рамките ЈЗУ Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември - Скопје ул. Борис Сарафов бр. 129 Ѓорче Петров 2 функционираат:

  • Оддел Геријатрија во Ѓорче Петров 2
  • Оддел Сју Рајдер во Ѓорче Петров 2
  • Објект Мајка Тереза (во Злокуќани)
  • Оддел Сју Рајдер-Хоспис во Битола

Од февруари 2007 за ВД директор е назначена Д-р спец. Ленче Нелоска. Од ноември 2007, согласно со законските промени, со тогаш Геронтолошкиот Завод раководат две лица Д-р спец. Ленче Нелоска и Дипл. екк. Александра Ристовска Евтимова кои се подеднакво одговорни за работењето на Заводот и кои се залагат за развој на дејноста Геронтологија- Геријатрија во Република Македонија, како и унапредување на здравствената и социјалната заштита на старите лица во рамките на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември - Скопје.


Од август 2017 до сега е назначен нов директор на институцијата, д-р Салија Љатиф Петрушовска, која, како изминатиов период така и континуирано, се залага за унапредување на работата на институцијата во делот на геријатриска и палијативна грижа со воведување на нови методи во работењето, реновирање на објектите, соработка со меѓународни институции.